Примери за дезинформации и манипулации на социјалните мрежи

Прскање со „отрови“ од авионите

Тврдењето дека некој нè прска со отрови од авиони претставува една од најраспространетите теории на заговор, а воедно и тенденциозно проширени дезинформации.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираа дека и покрај четири години успешно користење на мерката, оваа година воопшто немаше авионско засејување. Што значи дека не постои ни државен тендер за сребро јодид, како што тврдеше објавата на Фејсбук. 

Исто така, нема докази дека овој вид на заштита на земјоделските посеви од елементарни непогоди е на каков било начин штетно за луѓето. Ваков начин на заштита на земјоделските посеви во Македонија се практикувал од 2019 година, а во светски рамки се практикува од 1946 година.

Дезинформации по лажните дојави за бомби во школите

Лажните дојави за бомби во школите сами по себе може да се протолкуваат како масовни дезинформации што влијаеја не само врз чувствата на учениците и нивните родители, туку и врз целиот училишен процес.

Но, притоа се „надоградуваа“ дезинформации врз база на овие дезинформации, како пример тоа дека училиштата во кои учат Албанци нема дојави за бомби. На 15 декември 2022 година, на пример, дојави за поставени бомби имаше во кумановските основни училишта „Бајрам Шабани“, „Крсте Мисирков“, „Браќа Рибар“ „Јероним Де Рада“ каде наставата се изведува и на македонски и на албански наставен јазик.

Истиот ден лажни дојави за бомби добија гимназијата „Зеф Љуш Марку“ во Скопје и гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово, каде наставата се одвива на албански јазик.

Заплашување дека во вакцините против Ковид-19 има графен оксид

Неправилно протолкуван документ и неколку видеоматеријали, од кои никои не прикажуваа графен оксид, беа искористени за да се заплашат граѓаните дека со вакцинацијата против Ковид-19, во телото ќе примат графен оксид и дека истиот реагира на 5Г мрежата.

Ова дојде и се прошири преку објава на Фејсбук, каде се сугерираше дека вакцините на „Фајзер“ против ковид „содржат графен оксид“, а тие што го негираат тоа - медицински стручни лица, политичари и новинари, како и самите вакцинирани - не се во право. 

Сексуалното образование не значи секс за деца

Сексуалното образование не значи „секс за деца“, како што тврдеше еден Фејсбук-пост, туку напротив научно е докажано е дека значи едукација и заштита на младите од сексуално преносливи болести и несакана бременост. Во текот на изминатите 20 години, бројни студии покажаа дека воведувањето сеопфатно сексуално образование во училиштата, во голем број земји во светот не ги охрабрува децата да почнат да имаат секс порано или почесто, напротив сексот се случува поретко и со помалку партнери, намалена е несакана бременост, болести и неволен секс.

Дезинформација дека крводарителите не се ослободени од парципација

Низ социјалните мрежи се прошири фотографија на шалтер со испечатено соопштение: „Со одлука на Министерството за здравство крводарителите не се ослободени од партиципација согласно со 20.03.2023“, пропратена во пост: „Народот крвта бакшиш им ја дава. Они крвта за пари им ја продаваат. Ама во Косово на шиптарите гратис им ја даваат“. Објавата е дезинформација со најверојатна цел да шири говор на омраза по етничка и политичка основа. Зашто ослободувањето од партиципација во јавните здравствени установи за крводарителите со над 10 дарувања продолжува како што било и е предвидено и во Програмата за организирање и унапредување на крводарителството во Македонија за 2023 година, донесена од Владата. Странските пациенти, пак, трансфузираната крв ја плаќаат во рамките на болничките услуги.

Оваа фотографија не е снимена за време на ослободувањето на Скопје

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук беше споделена црно бела фотографија на која се гледаат многу луѓе собрани на плоштадот во Скопје. Притоа се тврди дека фотографијата прикажува како луѓето го слават ослободувањето на Скопје од фашистите. Можеби оваа фотографија не се споделува намерно за да се манипулира со јавноста, но, сепак, таа заедно со описот прикажува нешто што не е вистина. Фотографијата сама по себе е автентична, ама во комбинација со напишаниот текст претставува манипулација, бидејќи таа не ја прикажува атмосферата на денот на ослободување на Скопје – 13 ноември 1944 година. Она што паѓа в очи и што потврдува дека фотографијата не можела да биде снимена во 1944 година е Стоковната куќа НАМА, изградена во 1959 година.

Извор: Вистиномер (vistinomer.mk)