Болести од кои штитат редовните вакцини за деца

Извор: e-zdravstvo.mk

Редовните вакцини за деца само во последните 60 секунди спасиле 5 животи.

Медицинските експерти велат дека вакцините се најбезбеден, најлесен и ефикасен начин за заштита на здравјето во детството и низ целиот понатамошен живот.

За да се истакне важноста на вакцинацијата како превентива, во прилог информации за болестите, нивните симптоми, како и компликациите кои може да настанат доколку лицето не е имунизирано.

Пертусис (голема кашлица)

Mногу заразна болест предизвикана од бактеријата bordetella pertussis.

Раните симптоми изгледаат како симптомите на настинка. Околу една недела на децата може да им тече носот, да киваат и повремено да имаат лесна треска. Кашлицата се развива постепено, децата можат да имаат напади на кашлање што им го отежнува дишењето. Тие, исто така, можат да испуштат „рапав" звук на крајот од нападите со кашлање, по кои земаат длабок здив. Кашлицата обично е проследена со повраќање и зацрвенување на образите. Нападите на кашлање се влошуваат во текот на следните две недели, стануваат посериозни и позачестени. Можат да бидат исцрпувачки, иако помеѓу нападите децата се чувствуваат добро. Кашлицата може да трае со месеци.

Кај бебињата под шестмесечна возраст, големата кашлица често има сериозни компликации, вклучувајќи сериозна пневмонија и апнеи (пократки или подолги застои во дишењето). Најчеста компликација кај малите деца е пневмонијата.

Смртта е ретка и може да се случи само кај бебиња со компромитиран имунитет.

Децата можат да бидат заразни до 21 ден од почетокот на кашлицата. Болеста се пренесува преку близок личен контакт, на пример при кивање и кашлање.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од пертусис.

Морбили (мали сипаници) 

Една од водечките причинители за смрт кај малите деца на глобално ниво и покрај достапноста на безбедна и ефикасна вакцина. Малите сипаници ги предизвикува морбили вирусот (measles virus, measles morbillivirus MEV). Во 2019 година од мали сипаници умреле повеќе од 200 илјади лица - главно деца на возраст под 5 години.

Првиот знак на мали сипаници обично е висока температура, која најчесто почнува околу 10 до 12 дена по изложеноста на вирусот и трае 4 до 7 дена. Во почетната фаза може да се појави течење на носот, кашлица, црвени и насолзени очи и мали бели точки на слузницата што ја обложува усната празнина. По неколку дена избива осип, обично на лицето и горниот дел на вратот. Во текот на околу 3 дена, осипот се шири по телото, и на крајот достигнува до дланките и стапалата. Трае 5 до 6 дена, а потоа исчезнува. Во просек, осипот се јавува 14 дена по изложеноста на вирусот (во опсег од 7 до 18 дена).

Најсериозните компликации вклучуваат: слепило, енцефалит (инфекција на мозокот), тежок пролив проследен со дехидратација, инфекции на увото или тешки респираторни инфекции, како на пример пневмонија.

Малите сипаници се најзаразното респираторно заболување. Толку се заразни што ако некој има сипаници, шансата да се заразат неговите блиски контакти, кои не се имуни, изнесува 9 од 10.

Вообичаено се пренесуваат преку воздушно-капков пат и директен контакт. Вирусот го инфицира респираторниот тракт, а потоа се шири низ организмот. Не постои специфична антивирална терапија за лекување морбили.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од морбили.

Рубеола

Болест предизвикана од рубеола- вирусот (rubella virus, Rubivirus rubellae). Обично е лесна инфекција, меѓутоа интраутерино кај неродени бебиња може да предизвика сериозни оштетувања.

Симптомите на рубеола можат да вклучуваат умерена треска, осип, течење на носот, болно грло и често, отечени лимфни јазли. Исто така, често се јавуваат болки во зглобовите.

Во ретки сличаи, рубеолата може да предизвика компликации, како што се енцефалит (воспаление на мозокот) и намалување на бројот на крвните плочки (тромбоцитопенија), што може да доведе до крварење.

Рубеолата се пренесува преку капки од носот или устата на заразеното лице или при директен контакт. Од рубеола лесно се заразуваат лица што не се вакцинирани или што претходно не ја прележале болеста.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од рубеола.

Заразни заушки (Паротит)

Заразна болест што најчесто ја предизвикува вирусот на паротит (Paramyxovirus), но и други вируси (Coxsackie a virus, Cytomegalovirus)

Вообичаените симптоми на заушки се треска, губење апетит, умор и главоболки, по што се јавува отекување и чувствителност на плунковните (паротидни) жлезди. Болеста најчесто ги зафаќа едната или двете плунковни жлезди, кои се наоѓаат во внатрешноста на образите, близу до виличната коска, под ушите.

Заушките се пренесуваат кога некое лице ќе го вдише вирусот што заразено лице го исфрлило во воздухот со кашлање или кивање. Исто така, вирусот на заушки може да се пренесе од едно на друго лице преку директен контакт со заразена плунка.

Не е вообичаено да се појават компликации, но тие вклучуваат воспаление на мозокот (енцефалит), како и воспаление на обвивката на централниот нервен систем и на 'рбетниот мозок (менингит) и 'рбетниот мозок (менингитис).

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од заушки.

Хепатит Б

Заболување предизвикано од вирусот hepatitis b (HBV) и е реткост во земјите каде што децата се рутински имунизирани против оваа болест.

Симптомите вклучуваат: замор, губење на апетит, треска, жолтица, болки во зглобовите, темна урина и промени во бојата на столицата, болки во стомакот (особено горната десна страна каде што е црниот дроб) и осип. Но, инфекцијата со вирусот се случува неколку месеци пред да се појават какви било симптоми.

Кај некои деца, болеста ќе помине и без третман. Кај помалите деца постои поголема веројатност да развијат хроничен хепатит Б што може да ги донесе во ризик одидни фатални компликации на црниот дроб, како откажување на црниот дроб и малигно заболување. Болеста се пренесува кога луѓето доаѓаат во контакт со крвта на некој што го има вирусот.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од хепатит Б.

Туберкулоза

Заразна болест предизвикана од бактеријата Мycobacterium tuberculosis што главно ги оштетува белите дробови, иако може да влијае на другите органи.

Главни симптоми се: треска, губење апетит и како последица на тоа намалување на телесната тежина, замор и слабост, постојана кашлица и тешко дишење, болка во градите и малаксаност.

Без третман, туберкулозата може да биде фатална. Нелекуваната активна болест обично влијае на белите дробови, но преку крвта може да се прошири и на други телесни органи. Туберкулозните бактерии се пренесуваат преку воздухот кога лицето што е заразено кашла, кива, пее или зборува, испуштајќи мали капки во воздухот.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од туберкулоза.

Инфекции предизвикани од хемофилус инфлуенца тип Б (Haemophilus influenzae type B - HIB)

Бактеријата може да предизвика тешки инфекции особено кај децата под 5-годишна возраст, како што се: менингит, пневмонија, сепса, инфекции на коските и зглобовите и тешка инфекција на гласните жици што може да доведе до задушување.

Компликациите од оваа болест се појавуваат кај невакцинирани деца, а симптомите зависат од засегнатиот орган. Пред воведување на вакцината, оваа бактерија беше најчеста причина за мозочно воспаление (бактериски менингит) што се манифестира со ментални нарушувања, главоболки, вкочанет врат, повраќање, покачена температура. И покрај лекувањето, оваа болест може да биде фатална кај невакцинирани деца, а дури кај 30% од засегнатите деца завршуваат со оштетување на слухот. Тешките инфекции се третираат во болнички услови.

Инфекцијата може лесно да се пренесе преку капки и секрети што заразеното лице ги исфрла во околината, на пример при кивање или кашлање.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од хемофилус инфлуенца.

Инфекција со ротавирус (Rotavirus)

Инфекција со ротавирус (Rotavirus) може да предизвика сериозна течна столица (дијареја) повраќање, треска и болки во стомакот. Рота-вирусните инфекции се шират лесно кај доенчињата и кај малите деца.

Децата со рота-вирусна инфекција можат да изгубат многу течности, да дехидрираат и да завршат на болничко лекување. Девет од десет деца што ја примаат вакцината се заштитетни од тешка форма на болеста, а седум од десет деца се заштитуваат од каква било форма на болеста.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од рота-вирусни инфекции.

Сериозна пневмококна болест предизвикана од бактеријата пневмокок (Streptococcus pneumonie)

Бактеријата може да предизвика воспаление на грлото, ушите и синусите. Инфекциите се поизразени кај децата помали од 2 години, особено кај тие со слаб имунитет.

Кај малите деца овие инфекции можат да бидат сериозни и да доведат до хоспитализација. Бактеријата може да предизвика сериозни болести, како што се: пневмонија, менингит, сепса и други поретки компликации. Пневмококниот менингит може да предизвика глувост и оштетување на мозокот. Бактериите се шират по капков пат при близок контакт со заразеното лице.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од пневмококна болест.

Тетанус

Акутна и многу смртоносна болест предизвикана од бактеријата clostridium tetani.

Инкубацијата трае од неколку дена до неколку месеци, а болеста доведува до силна болка и грчеви низ телото. Болните грчеви во мускулите започнуваат на лицето, потоа го зафаќаат вратот, телото и нозете. Кога се зафатени мускулите на лицето и вратот, детето има проблем и со голтање и дишење.

Третманот на тетанус е многу комплексен и се изведува во болнички услови. Бактериите можат да инфицираат повреди на кожата и подлабоки рани и да произведуваат протеин (токсин) што влијае врз нервниот систем и може да доведе до грчеви на мускулите и неможност за дишење. Пред појавата на вакцините, оваа болест беше смртоносна во 80 % од случаите.

За тетанус нема стекнат имунитет дури и по инфекција. Тетанус е болест што не може да се искорени бидејќи бактериите се присутни секаде во природата. Ги има во почвата и во цревата на животните, а во телото на вашето дете можат да навлезат преку повреди на кожата, каснување од животно или изгореници. Во нашата средина, децата се успешно вакцинирани против оваа болест, па затоа болеста е речиси исчезната.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од тетанус.

Полиомиелит (Poliomyelitis)

Познат и како детска парализа болест на централниот нервен систем предизвикана од инфекција со полиовирус (Poliovirus). По навлегување во телото преку устата, вирусот се размножува во цревата од каде што може да се прошири на нервниот систем и да доведе до мускулна парализа. Во 1988 година, Светската Здравствена Организација (СЗО) започна иницијатива за искоренување на полиомиелитот. Сепак, и во 2019 поради намалената стапка на вакцинација, низ светот сеуште има случаи на оваа болест. Последниве години се регистрирани случаи на полиомиелит и во Европа, односно во Украина.

Кај повеќето заразени деца воопшто нема симптоми или тие се лесни, слични на грип и траат една недела. Едно од 100 заразени деца има вкочанетост на вратот и повраќање како и знаци на менингит, а кај едно од 200 инфицирани деца се случуваат нервни оштетувања и неповратна парализа на мускулите на долните екстремитети.

Бидејќи парализата може да влијае на респираторните мускули, 2 % до 5 % од децата со парализа умираат. Кај возрасните, овој број е поголем и се движи од 15% до 30%. Не постои лек за полиомиелит. Иако во голем број држави нема пријавени случаи на детска парализа, сепак вирусот може да се пренесе од друга земја, при патување.

Вакцинацијата е најдобриот начин за заштита на детето од детска парализа.