Што ветуваат претседателските кандидати за младите?

Стево Пендаровски

Национални политики за намалување на трендот на миграција кои ќе вклучат активна демографска политика.

Проекти со кои државата ќе го задржи контактот со младите кои заминале и создавање услови за нивно повторно враќање во земјата.

Искористување на потенцијалот за сите кои живеат надвор од државата да им се отвори простор за поголема вклученост и придонес, преку зголемена грижа за дијаспората.

Формирање посебно советодавно тело во неговиот кабинет кое ќе работи на формулирање на современи и ефективни демографски политики за да се спречат негативните трендови.

Иницирање проект за изработка на централна база на податоци за сите млади кои се образуваат, доусовршуваат или своите знаења и вештини ги применуваат работејќи во странски компании и организации, во делот на политиките за млади кои привремено или потрајно заминале од државата.

Развивање политики за граѓаните со попреченост, особено во образованието, пристапот и вклучувањето на пазарот на трудот и остварувањето на социјалните права.

Иницирање промена на наставните програми со цел воведување на демократското политички образование во средните училишта.

Гордана Силјановска Давкова

Воведување на позицијата советник за млади, кој ќе претставува одговорно лице во нејзиниот кабинет кој ќе раководи со новоформираниот Совет за млади под покровителство на претседателот и партнерите.

Формирање Форум за млади под покровителство на претседателот, со цел консултации за прашања и јавни политики кои се важни за младите, како и за организирање заеднички настани.

Можност за практиканство на најдобрите млади луѓе кои ќе можат да се стекнат со важно кариерно искуство.

Промоција на т.н. амбасадори на добра волја, односно млади професионалци од земјава и светот кои имаат или градат успешни кариери во меѓународната економија, политиката, меѓународните односи и науката.

Продолжување на претседателските школи за лидери.

Истражувачки центар за млади талентирани ученици каде со помош на курсеви, семинари, научни кампови, летни и зимски школи и работилници, како и со предавање на научни работници и истражувачи од земјава и странство, талентираните средношколци од 15 до 29 години ќе ги продлабочуваат своите знаења во низа области.

Стевчо Јакимовски

Младите не можат да се најдат во програмата на актуелниот градоначалник на Општина Карпош и претседателски кандидат Стевчо Јакимовски.

Дел од столбовите во неговата програма се однесуваат на правната држава, економските политики, но и одбранбени прашања.

Бујар Османи

Младински политики кои ќе се фокусираат на Создавање перспектива преку зајакнати образовни можности, но и активни мерки за претприемништво, старт-апи и вклучување во современите бизнис текови со цел задржување на фокусот на младите кон активностите и потенцијалите кои ги нуди земјата.

Формирање посебен тим за креирање, имплементирање и следење на младинските политики на државата.

Назначување Советник на Претседателот кој ќе биде исклучиво ангажиран за ваквите прашања.

Заложба за реформи и образовен модел, кој ќе одговара на новите трендови на технолошката револуција предизвикани од развојот на вештачката интелигенција.

Низа мерки во образовниот процес за поттикнување на креативноста на учениците и студентите преку унапредување на техниките на наставниците и професорите; нудејќи образование и методологија за решавање на реалните проблеми преку развој и поттикнување на иновациите. Оттука ќе предложи зголемување на буџетот за образование и особено за научно-истражувачка дејност, како и задолжително отворање на истражувачки центри на секој универзитет.

Договор со десетте најдобро рангирани бизнис универзитети во светот за испраќање на најдобрите студенти со целосна стипендија, со предност на ранливите категории на граѓани.

Билјана Ванковска

Нов дипломатски настап за промовирање на Македонија и нејзините можности, каде во фокусот се и помладите генерации од дијаспората чии капацитети не биле препознаени или негувани. Создавање целосна слика за сите научници, бизнисмени, уметници, професори и експерти кои се докажани во разни делови на светот, а потоа и воспоставување на иницијатива „Македонија без граници“. Преку неа ќе им биде дадена можност на сите да ѝ помогнат на Македонија и на полето на јавната и на културната или на академската дипломатија и ќе бидат ангажирани во разни конкретни проекти во земјата.

Комуникација со јавноста во врска со настани од морално и политичко значење, како и учество и поддршка за иницијативи кои потекнуваат од граѓаните и од нивни здруженија, особено во делот на образованието и на здравството, како и на заштитата на ранливите категории граѓани.

Арбен Таравари

Создавање училишта за иновации со кои ќе раководи кабинетот на претседателот, во контекст на иновациите како клучен сектор за безбедноста и развојот на земјата.

Максим Димитриевски

Младите не се вклучени во изборната програма на Димитриевски, односно начелата и приоритетите кои генерално се фокусираат на надворешната политика, одбраната, безбедност, институциите и корупцијата.