Примери за дезинформации за вакцини и како се разоткриваат

Не се врши дискриминација на децата, туку заштита на здравјето

Објава на социјалните мрежи тврдеше дека забраната за носење на невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца во градинки, всушност е дискриминација, угнетување и понижување на децата и родителите.

Но, ова  не е точно . Вакви мерки се носат за заштита на индивидуалното здравје како на невакцинираните деца така и на останатите деца кои се згрижуваат во детските градинки. Освен тоа, со вакцинирањето се прави и заштита на јавното здравје бидејќи намалениот опфат на вакцинација ги прави шансите за заболување поголеми кај цело население.

Препораката нема никаква врска со дискриминација, тука е во согласност  со Законот за заштита на населението од заразни болести  во кој се предвидува задолжителна вакцинација за одредени болести, меѓу кои и голема кашлица.

Вакцинацијата е задолжителна за сите лица од определена возраст против туберкулоза, дифтерија, тетанус, голема кашлица, детска парализа, мали сипаници, црвенка, заушки, хемофилус инфлуенца тип Б (Хиб), вирусен хепатитис Б, и хуман папилома вирус (ХПВ).

ДиТеПер вакцината не е опасна

Наспроти некои тврдења и дезинформации за наводна опасност, вакцината ДиТеПер која се администрира во цела Европа, Америка, како и во Македонија, е безбедна и ефикасна вакцина која заштитува, меѓу другото, и против пертусис или магарешка кашлица. Тоа е бактериска инфекција која што трае 100 дена, доведува до голема исцрпеност кај бебињата и неможност да земат воздух и е особено опасна болест за оние кои се на најмала возраст, бидејќи тие немаат развиен имунитет и не се на возраст кога може да се вакцинираат. 

Со вакцинален опфат од 95 проценти, се штитат оние коишто немаат можност да се вакцинираат поради возраста и затоа е важно тој опфат да се постигне за да болестите не добијат простор да напаѓаат во форма на епидемии. 

Во земјава против ДиТеПер се администрира вакцината Хексаксим произведена од производителот „Санофи Пастер“, која што има  одобрение од  Европската агенција за лекови. Сите документи за нејзиното одобрение се  овде .

Вакцините не предизвикуваат Алцхајмер 

Наспроти објавата на социјалните мрежи дека вакцините имале алуминиум во нив кој предизвикувал Алцхајмер, медицинските докази не го поддржуваат тоа. Како  што пишуваат проверувачите на факти на Политифакт,  медицинските докази не сугерираат дека има зголемено количество на алуминиум во мозокот кај пациентите со Алцхајмерова болест. 

Дополнително,  според организацијата за Алцхајмерова болест од Обединетото Кралство,  доказите не говорат дека алуминиумот е со покачени нивоа во мозокот на пациентите со Алцхајмерова болест, или пак, дека алуминиумот претставува извор на болеста. Како што е наведено на веб-страницата на оваа британска организација, идејата дека Алцхајмеровата болест и алуминиумот може да бидат поврзани првпат е спомената во 1965 година, кога „истражувачите открија дека зајаците кои се инјектирани со екстремно високи дози на алуминиум, развиле токсични заплеткувања на невроните во нивниот мозок“. Овие  токсични заплеткувања  се акумулирани микроскопски мозочни протеински фрагменти кои ја забавуваат способноста на човекот да мисли и да памети.

Но, како што пишуваат  проверувачите на факти на Политифакт , ваквите резултати се појавувале исклучиво кога зајаците биле изложени на екстремно високи дози на алуминиум, кои исклучително ги надминувааат нивоата коишто може да влезат во телото преку храната, или некои други извори, како на пример, садовите за готвење од алуминиум. 

Оттогаш па наваму, и покрај темелни истражувања, нема цврсти докази дека алуминиумот е покачен во мозокот на пациентите кои страдаат од Алцхајмерова болест,  велат од оваа британска   организација за Алцхајмерова болест. 

Исто така, организации во САД кои ја испитуваат болеста, како на пример,  Асоцијацијата за Алцхајмер  и  Брајт Фокус фондацијата,  велат дека „истражувањата не успеале да потврдат каква било врска која алуминиумот ја има со предизвикувањето на Алцхајмеровата болест“.

Вакцините не се отровни

Спротивно на изнесеното во Фејсбук-објавата дека вакцините се отров, тие се многу безбедни. На веб-страницата на УНИЦЕФ посветена на вакцинацијата, во делот за прашања и одговори е наведено дека сите вакцини минуваат низ ригорозни безбедносни тестови, вклучително и клинички испитувања, пред да бидат одобрени за јавноста. Земјите регистрираат и дистрибуираат само вакцини кои ги исполнуваат ригорозните стандарди за квалитет и безбедност.

Вакцините се исклучително безбедни, а сериозните несакани ефекти се ретки. Речиси сите реакции или непријатности по вакцинацијата се мали и привремени, како што е болка на местото на инјектирање или блага треска. Здравјето на детето е многу поверојатно да биде нарушено поради болест што може да се спречи со вакцина, отколку од вакцина.

Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња.

 Вакцинацијата  помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО)  покажуваат  дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Вакцините кои се регистрирани во Македонија за заштита од овие болести, се  истите што се користат во европските земји. 

Вакцините не влијаат на интелигенцијата, туку на колективниот имунитет

Наспроти изнесеното во Фејсбук-објава, ефектот на вакцината не е намалување на интелигенцијата, туку спречување на заразни заболувања кои водат до тешки компликации и смрт. Вакцинираните лица не влијаат негативно на невакцинираните, но невакцинираните спречуваат да се создаде колективен имунитет, кој пак, би ги штител најранливите во општеството, како што се многу мали  бебиња, бремени жени, хронично болни и возрасни над 65 години.

Фактот што некои се невакцинирани, влијае на колективниот имунитет каде што болестите може да пронајдат канал и да се прошират и да настрадаат оние кои навистина не смеат да се вакцинираат од некоја причина, на пример многу мали бебиња кои немаат возраст за одреден тип вакцина.

Така, на пример ДиТеПер вакцината (заштитува од голема кашлица т.е. пертусис) се прима на 2,4,6, 18 месеци и на 7 години. А, кај малите бебиња големата кашлица е најопасна, предизвикува долги напади на кашлање до помодрување, некогаш завршуваат на респиратор со бронхопневмонија, а некогаш може да заврши со смртен исход.

Кога населението би било вакцинирано во 95 проценти, тогаш би се создал колективен имунитет, кој би значел дека овие мали бебиња кои ја немаат достигнато возраста да можат да бидат вакцинирани би биле заштитени. 

Вакцините не предизвикуваат аутизам

Една од најпознатите антиваксерски теории е дека вакцините се штетни за децата, а притоа предизвикуваат аутизам. Меѓутоа,  не постојат  никакви медицински и научни докази кои ги поврзуваат вакцините со аутизмот. Во последните години има зголемување на стапките на аутизам, но тоа нема никаква врска со вакцините и сето тоа го докажуваат бројни научни студии. 

Канцеларијата за безбедност на имунизација на ЦДЦ потенцира дека вакцините „не предизвикуваат аутизам“.

Безбедноста на сите вакцини внимателно се следи пред издавањето дозволата (лиценцата), а назорот на безбедноста е во тек и по лиценцирањето. Нема податоци што укажуваат на причинско-последична поврзаност помеѓу вакцините и аутизмот, се вели во соопштението на канцеларијата испратено до  АФП .

Тврдењата дека вакцините од детството предизвикуваат аутизам  датираат  од статија од 1998 година објавена во медицинското списание Лансет. Британскиот лекар  Ендру Вејкфилд  тогаш го поврза вакцинирањето со ММР вакцината (сипаници, заушки и рубеола која обично се дава на доенчиња и мали деца) со аутизам.

Сепак, Лансет ја  повлече  студијата во 2010 година, откако беше откриено дека вклучува  фалсификувани  податоци. Британските медицински власти подоцна ја  повлекоа  лиценцата на Вејкфилд да се занимава со медицина.

За жал, неговото објавување предизвика паника што доведе до намалување на стапките на имунизација и последователни избувнувања на овие болести, вели Светската здравствена организација на својата  веб-страница  (архивирана  овде ).

 Најмалку 20 студии  покажуваат дека вакцините не се поврзани со аутизмот. 

Извор: Вистиномер