Информации за корона вирусот во Македонија

Што се знае за вирусот?

Корона-вирусите се познати од 60 години на минатиот век. Името потекнува од протеинската структура на вирусната обвивка која потсетува на круна. Овие вируси не се невообичаени. Честопати инфекциите се безопасни и минуваат со симптоми слични на грип: треска, кашлица, задишаност, а понекогаш и стомачни проблеми.

Проблемот со овие вируси е што имаат неверојатна моќ на преобразба. Спаѓаат во ткн. РНК-вируси, бидејќи поседуваат рибонуклеинска киселина како генетички материјал. Затоа имаат голема генетска варијабилност. Практично, тоа значи дека тие лесно ја прескокнуваат бариерата меѓу видовите за да си пронајдат нов домаќин.

Кои се симптомите на болеста предизвикана од корона вирусот (КОВИД 19)?

Симптомите може да бидат покачена температура, кашлица и отежнато дишење. Во потешки случаи, инфекцијата може да предизвика пневмонија или тешкотии со дишењето. Во ретки случаи болеста може да биде смртоносна. 

Овие симптоми се слични на грип, кој се јавува многу почесто од болеста предизвикана од корона вирус. Затоа, потребно е тестирање за да се потврди дали некој има корона вирус. Важно е да се запомни дека клучните мерки на превенција се исти - често миење на рацете и респираторна хигиена (кога кашлате или кивате, покријте ја устата со подлактицата или со хартиено шамивче, а потоа фрлете го шамивчето во покриена канта).